Инцидент во Долнени – Бесправна сеча и напад врз службено лице
Двајца жители на општина Долнени се лишени од слобода по инцидент поврзан со бесправна сеча на дрва и напад врз полициски службеник.
Како што стои во соопштението од Министерството за внатрешни работи, на 29.04.2026 во 21:30 часот во селото Црнилиште, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово ги лишиле од слобода Т.Т. (33) и Џ.Т. (59), двајцата од истото село.
Претходно, истиот ден околу 12:30 часот, во атарот на селото Стровија, од страна на полициски службеници од Шумска полиција Прилеп, тие биле затекнати како бесправно сечат огревни дрва. При интервенцијата, лицата агресивно се однесувале, а едниот од нив, Џ.Т., со моторна пила нападнал полициски службеник, по што двајцата се дале во бегство.
По преземени мерки, осомничените биле пронајдени и лишени од слобода. По целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветен поднесок.



