|

Асфалтот попушти на неодамна завршената улица „Бурса“

На улицата „Бурса“ во Битола, во близина на Битолската пиварница, се појавија девијации на горниот слој на коловозот, и покрај тоа што реконструкцијата беше завршена неодамна. Согласно договорните обврски, изведувачот ќе ги санира сите оштетувања на свој трошок, со оглед на тоа што улицата се наоѓа во гарантен рок.

Реконструкцијата на оваа сообраќајница се реализира преку под-проектот „Реконструкција на ул. Бурса – од спој со ул. Македонска фаланга до спој со новопроектирана ул. Индустриски пат“, како дел од заемот склучен помеѓу Република Македонија и Светска банка за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта.

Од Општина Битола информираат дека изведувачот е обврзан да ги санира сите тековни и идни оштетувања кои ќе се појават во рамките на гарантниот период, со цел да се обезбеди функционален и безбеден сообраќаен режим за граѓаните.

Градоначалникот на Битола, во повеќе наврати, упати повик за професионалност и отчетност при изведбата на сите инфраструктурни зафати, потенцирајќи дека секоја неуредност што ќе се појави по реконструкцијата ќе биде коригирана од страна на изведувачот.

Со најавената санација, Општината очекува улицата „Бурса“ во најкус можен рок повторно да биде во целосно исправна состојба, со што ќе се овозможи нормално и безбедно одвивање на сообраќајот.

Слични Објави