Општествената одговорност – „ВИК“ донираше опрема за училиште, градинка и болницата во Прилеп
Нови простории и опрема во ООУ „Климент Охридски“, уреден детски простор во градинката „Наша Иднина“ и нови креветчиња во Општата болница „Борка Талески“ се дел од активностите реализирани со поддршка на компанијата „ВИК“.
Со заедничка заложба на општествено одговорните компании и локалната самоуправа се создаваат подобри услови за најмладите, а конкретен пример за таква соработка е поддршката што компанијата „ВИК“ ја обезбеди за повеќе установи во Прилеп.
Во ООУ „Климент Охридски“ започна со работа новата, современо опремена сензорна соба, како и дефектолошките кабинети во рамките на Центарот за поддршка. Просторот е наменет за децата со попреченост и посебни образовни потреби, со цел да им овозможи подобри услови за учење, развој и реализација на нивниот потенцијал.
Од Општина Прилеп посочуваат дека инклузијата останува еден од приоритетите, особено имајќи предвид дека во општината се опфатени повеќе од 200 деца со посебни образовни потреби.
„Прилеп е најинклузивната општина во Македонија, но за нас тоа не е само признание, туку и обврска. Затоа продолжуваме да работиме за уште подобри услови и еднакви можности, ставајќи ги децата и нивните потреби во преден план“, се наведува во информацијата од Општината.
Поддршката е проширена и во други установи. Во детската градинка „Наша Иднина“, во населбата Вишне, е уреден надворешен простор со детски реквизити, наменет за игра, дружење и престој на децата во безбедна и стимулативна средина.
Во Општата болница „Борка Талески“, пак, се обезбедени нови детски креветчиња, со што се подобруваат условите за најмалите пациенти и нивните родители.
Од локалната самоуправа ја истакнуваат важноста на соработката со општествено одговорните компании, оценувајќи дека вложувањето во децата е вложување во иднината на целата заедница.
Трите активности – во училиштето, детската градинка и болницата – имаат заедничка цел: создавање подобри услови за раст, развој, образование и грижа за децата.
Од Општина Прилеп упатија благодарност до компанијата „ВИК“ за поддршката и конкретниот придонес, со порака дека преку заедничко дејствување општествената одговорност може да се преточи во проекти што носат директна корист за граѓаните, а особено за најмладите.


