Промовирани дипломирани економисти и магистри на Економскиот факултет – Прилеп

На Економскиот факултет во Прилеп, на 23 декември 2025 година, се одржа свечена промоција на дипломирани економисти и магистри на економски науки. Настанот се одвиваше во присуство на студентите, членовите на нивните семејства, академскиот кадар, како и гости од општествено-политичкиот живот на Прилеп.

На присутните им се обратија деканката на Факултетот, проф. д-р Татјана Спасеска, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Деканката проф. д-р Спасеска им посака добредојде на дипломираните и магистрираните студенти во семејството на алумнисти на Факултетот, потенцирајќи дека стекнатата диплома е само почеток на нивниот професионален пат. Таа ги охрабри да веруваат во себе и во своите знаења и вештини, нагласувајќи дека учењето е процес што трае цел живот и постојано се надградува.

Ректорот проф. д-р Неделковски истакна дека студентите направиле вистински избор на високообразовна институција, што, како што посочи, се потврдува и со континуираниот раст на бројот на новозапишани студенти на прв и втор циклус студии на Економскиот факултет во Прилеп.

Градоначалникот Дејан Проданоски ја нагласи важноста на економските профили кои ги создава Факултетот, посочувајќи дека тие се значаен фактор за локалниот економски раст и развој на Општина Прилеп.

Свои поздравни обраќања имаа и најдобрите студенти во генерацијата, Теодора Христовска и Валентин Димитриоски, кои се заблагодарија за поддршката и образованието што го добиле.

Свечената програма беше збогатена со музички настап на учениците од Државното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп.

Преку неколку фотографии, Економскиот факултет – Прилеп пренесува дел од свечената атмосфера и значајниот момент за новите дипломирани и магистрирани економисти.

Слични Објави