Прилепската Болницата со нова донација на современи медицински апарати
Одделението за анестезиологија и интензивна медицина при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп е збогатено со два нови пациент-монитори од реномираниот бренд Mindray, како донација од општествено одговорната компанија Алијанса Уан.
Континуираното и прецизно следење на виталните параметри кај пациентите претставува клучен сегмент во современата анестезиолошка и интензивна нега. Новата медицинска опрема ќе овозможи повисоко ниво на безбедност, побрза и попрецизна клиничка проценка, како и поефикасно следење на пациентите за време на интензивното лекување и постоперативната грижа.
Со воведувањето на овие современи пациент-монитори, директно се унапредува квалитетот на здравствената услуга и се подобруваат условите за работа на медицинскиот персонал, а најголема корист ќе имаат пациентите.
Од ЈЗУ „Борка Талески“ упатуваат искрена благодарност до компанијата Алијанса Уан за покажаната хуманост, општествена одговорност и континуирана поддршка на јавното здравство, како и за довербата и соработката што се гради во интерес на пациентите и пошироката заедница.



