Половина метар долго гласачко ливче
Овогодинешните Локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври, ќе се разликуваат од претходните не само по бројот на независни кандидати, туку и по должината на гласачкото ливче, кое изнесува половина метар.
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, каде што се изработуваше изборниот материјал, велат дека ова бил еден од најсложените процеси на печатење досега.
Вчера утрото, со полициско обезбедување, започна дистрибуцијата на изборниот материјал од печатницата до сите Општински изборни комисии низ државата. Со камиони се транспортира доверливиот материјал – гласачки ливчиња, изводи од избирачките списоци и записници за секое избирачко место.
Дистрибуцијата ја спроведуваат 17 тимови на Државната изборна комисија (ДИК) со придружба на службени лица од Министерството за внатрешни работи.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се испечатени 4.613.438 гласачки ливчиња на ниво на држава – за избор на градоначалници и советници, како и за градоначалник и Совет на Град Скопје.
„На овие избори ќе има 1.832.415 избирачи на 3.480 избирачки места, од кои ќе бидат отворени 3.474, бидејќи во шест нема запишано гласачи. За печатењето и дистрибуцијата на доверливиот материјал се предвидени 48 милиони денари, односно околу 780.000 евра, но конечната сума ќе зависи од бројот на општини кои ќе влезат во втор круг,“ изјави Кондарко.
Печатењето на изборниот материјал заврши два дена пред предвидениот рок, а материјалот е детално проверен, обезбеден, спакуван и сортиран.
Според Вангел Талевски, генерален менаџер на печатницата „Киро Дандаро“, најголем предизвик биле гласачките ливчиња надвор од стандарден формат.
„Најдолгото ливче беше 500 милиметри, што го отежнуваше процесот на печатење и манипулација. Локалните избори се најобемни бидејќи вклучуваат 80 општини со листи за градоначалници и совети, како и дополнителни 10 листи за Град Скопје,“ изјави Талевски.
Процесот на спроведување на изборите ќе го следат околу 1.400 набљудувачи, од кои половина се домашни, а половина меѓународни.


