Мајмунчето Мики на кое посетители му украле дел од роденденските подароци
Малото гибонче Мики го прослави роденденот во Зоолошката градина во Скопје
Во Зоолошката градина во Скопје беше одбележан првиот роденденот на малото гибонче Мики – миленикот на посетителите, чија приказна предизвика големо внимание во јавноста.
Од Зоолошката информираат дека Мики, кој некогаш бил мало и повредено бебе, денес е симбол на борба, грижа и посветеност. „Од мало и повредено бебе, денес си вистински мал борец и радост за сите нас. Твојата приказна е доказ дека со грижа и љубов се спасуваат животи. Мики, ти си нашиот мал херој“, порачуваат од установата.
По повод неговиот роденден беше организирана и симболична прослава, на која, покрај забавниот дел, акцент беше ставен и на едукацијата на посетителите. Преку настанот, од Зоолошката градина ја потенцираа важноста од заштита на природните живеалишта на гибоните, кои се сметаат за загрозен вид.
„Фотографиите се од роденденската прослава во чест на гибончето Мики, настан на кој преку едукација ја доближивме до посетителите важноста за заштита на природните живеалишта на гибоните. Приказната на Мики е потсетник колку е важно да ги штитиме и почитуваме дивите животни“, наведуваат од ЗОО.
Прославата доаѓа по неодамнешниот инцидент кога вработен во Зоолошката алармираше дека дел од посетителите му одзеле дел од подароците на Мики, што отвори прашања за однесувањето на посетителите и потребата од поголема свест и одговорност.
Од Зоолошката градина апелираат до јавноста да биде „глас за иднината“ на животните, нагласувајќи дека секој поединец има улога во нивната заштита и благосостојба.



