Трговците признаа маржи до 50%, а Владата им дозволи сами да изберат попусти
Стопанската комора на трговци на големо и мало со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави предлози за обезбедување поефикасни мерки за намалување на цените на групи производи.
Како што информираат од Комората, предлозите се резултат на состанокот одржан во петокот во Министерството за економија и труд, на кој присуствуваа министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции и членови на Комората.
Членот на Комората, Даница Блажевска од “Рептил маркети”, по средбата изјави дека трговците и дистрибутерите бараат реално намалување на цените на 100 до 200 основни производи, наместо сегашните над 1.000 производи опфатени со првичната мерка. Според неа, на овој начин ќе се постигне подобар ефект во достапноста на производите за граѓаните.
„Бараме да се намали големиот број на производи во мерката и да се ограничи на 100 до 200 кои се навистина неопходни. Во моментот се опфатени над 1.000 производи, што создава проблеми во контролата на цените и зголемува можност за злоупотреби“, изјави Блажевска.
На прашањето дали дополнителниот период за спроведување на мерката може да доведе до нови зголемувања на цените, Блажевска посочи дека маркетите постојано добиваат нови ценовници со зголемени цени. Таа истакна дека во соработка со производителите и добавувачите се бара решение за стабилизирање на цените, а очекува до понеделник Министерството да ги заврши анализите.
Од Министерството за економија и труд денеска изјавија за МИА дека конечната одлука за предлог-мерките ќе биде донесена до крајот на неделава.
Минатата недела Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и мало за основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Според шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, кај малопродажните трговци е забележана маржа од над 20 отсто за основните прехранбени производи и над 30 отсто за хигиенските средства, додека кај увозниците и дистрибутерите маржите достигнуваат и до 50 отсто.