Ќе има ли поевтинување на храната по Велигден?

Владата утре се очекува да донесе одлука за нов пакет мерки со цел да се ублажи растот на цените на основните прехранбени производи, откако Министерството за економија изготви анализа за состојбите на пазарот.

Според најавите, клучни прашања за кои ќе се одлучува се можноста за ограничување на трговските маржи, како и евентуално намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за одредени категории храна.

Анализата на Министерството е изработена врз основа на извештај од Државниот пазарен инспекторат, кој во изминатиот период спровел контроли на околу 800 продажни објекти низ земјата. Контролите опфатиле основни прехранбени производи, средства за хигиена, храна за бебиња и други стоки од широка потрошувачка.

Податоците покажуваат дека во пресрет на велигденските празници е регистриран значителен раст на цените, особено кај јајцата, маслото за јадење и лебот. Дополнително, највисоки цени се забележани кај овошјето и зеленчукот.

Во меѓувреме, глобалните економски фактори дополнително вршат притисок врз цените. Цената на нафтата бележи раст и достигна рекордно ниво, откако викендов не беше постигнат договор меѓу САД и Иран, што создава неизвесност на енергетските пазари.

Очекувањата се дека владините мерки ќе имаат за цел да го стабилизираат пазарот и да го заштитат животниот стандард на граѓаните, особено во услови на зголемени трошоци за живот.

Слични Објави