|

Голема победа на Пелистер над Алкалоид – чекор поблиску до титулата!

Еурофарм Пелистер направи важен чекор кон титулата во Суперлигата откако на домашен терен во Битола го совлада тимот на Алкалоид со 30-28, во исклучително драматичен и неизвесен натпревар од плеј-офот.

Битолчани отворија силно и фуриозно, наметнувајќи темпо кое гостите од Скопје не успеаја да го следат во воведните минути. Алкалоид се соочуваше со проблеми во нападот, правеше технички грешки и лесно ја губеше топката, што домашниот тим го казни и рано поведе со 6-2.

Тренерот Кире Лазаров се обиде да внесе свежина преку ротации и промени во формацијата, што донесе резултат среде првото полувреме. По исклучувањата на Абутовиќ и Хосни, Алкалоид успеа да се доближи на само два гола разлика (10-8), а кратко потоа и на 11-10. Сепак, исклучувањата на Стојковиќ и Карасманакис го нарушија ритамот на гостите, па Пелистер на пауза замина со водство од 18-15.

Во второто полувреме Алкалоид повторно се врати во игра. Голманот Галевски имаше блескави моменти, одбрани и пенал и неколку клучни шутеви, а Серафимов во 45. минута имаше шанса да донесе израмнување (23-22). Сепак, нереализираниот пенал беше пресвртница. Пелистер од тој момент ја врати контролата, а голманот Филип Ивиќ со три клучни интервенции донесе стабилност во одбраната.

Во финишот, пелистерци ја зголемија предноста на 29-25, а иако Алкалоид се доближи на само гол негатива во последната минута, сите дилеми ги реши младиот Алем Хаџиќ со гол за финалните 30-28.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Филип Кузмановски со осум гола, а Богдан Радивојевиќ додаде уште седум. Голманот Ивиќ се истакна со пет клучни одбрани. Кај Алкалоид, Мартин Серафимов блесна со девет постигнати гола, но и тоа не беше доволно за победа.

Слични Објави