Дали ова убиство можеше да се спречи? Заштитата на животот мора да биде приоритет пред административните процедури!

Велес и цела Македонија се потресени од двојното убиство и самоубиство што се случи пред неколку дена, кога 39-годишен скопјанец со остар предмет ја уби својата поранешна партнерка Росица К. (31) и нејзиниот татко К.К. (68), а потоа си го одзеде животот. Настанот се случи и покрај тоа што жртвата со месеци барала помош, пријавувала закани и насилство и добила судска заштита која очигледно не била спроведена како што треба.

Од декември 2024 година па наваму, Росица повеќе пати пријавувала насилство, закани и нарушување на судски одлуки. На 25 март 2025 г. таа пријавила дека насилникот се обидел да ја задржи против нејзина волја и ѝ нанел повреда. На 10 април 2025 г. Основното јавно обвинителство Велес поднело обвинителен предлог за загрозување на сигурноста и насилство, а психијатриското вештачење утврдило дека осомничениот е пресметлив.

И покрај тоа, убиецот продолжил со вознемирувања – во мај 2025 г. го запалил автомобилот на таткото на Росица, а во септември таа повторно дала исказ и инсистирала на гонење. На 10 септември Основниот суд Велес му изрекол условна осуда и забрана за приближување – одлука која обвинителството не стигнало ниту да ја обжали пред да се случи трагедијата.

Институции кои не штитат

Случајот ја покажува системската неспособност на институциите да обезбедат ефективна заштита за жртвите на семејно и партнерско насилство. И покрај пријавите, мерките и наредбите, Росица и нејзиниот татко останале без вистинска заштита. Забраната за приближување и условната казна биле само хартија – без механизам за реално спроведување.

Случај за многу мислење:

  • Судските мерки мора да се спроведуваат веднаш – прекршувањето на забраната за приближување мора да води кон притвор, а не кон условна казна.
  • Полицијата и обвинителството мора да работат побрзо и координирано – заштитата на животот мора да биде приоритет пред административните процедури.
  • Законот за заштита од семејно насилство мора да добие реална тежина – со навремени и силни санкции.

Системска одговорност

Росица не е единствена жртва на системот – но е најновото име на долгата листа жени кои барале помош од државата и не ја добиле. Нејзиниот живот и животот на нејзиниот татко можеле да бидат спасени ако институциите реагирале посериозно.

Јавноста со право бара одговорност:

  • од судиите кои изрекуваат условни казни на насилници со богато досие,
  • од обвинителствата кои не бараат притвор,
  • и од полицијата која не обезбедува 24-часовна заштита кога е очигледно дека животот е во опасност.

Трагедијата во Велес е пораз за македонските институции. Таа покажува дека државата не успева да ги заштити најранливите дури и кога сите аларми се вклучени. Животите на Росица и нејзиниот татко не смеат да бидат само уште една статистика. Потребна е темелна реформа, брза реакција и јасна порака дека насилството врз жените и нивните семејства нема да се толерира.

Слични Објави