ПОПЛАВИТЕ ГО ИЗВАДИЈА ЃУБРЕТО ОД РЕКИТЕ – Пластика, шут и дивоградби…
Купишта пластичен отпад, градежен шут, дрвја, грмушки и разни отпадоци се дел од причината зошто дождовите кои ја зафатија земјава во некои делови предизвикаа катастрофални поплави и оставија стотици луѓе без кров на главата. Одржувањето на проодноста на речните корита повторно е прашање кое се актуелизира сега но треба да е редовна активност на локалните самоуправи и државните институции. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека токму отпадот наталожен во речните корита го спречил нормалниот проток на водата, што довело до излевање на реките и поплавување на домови и земјоделски површини.
Најкритична состојбата беше во регионите околу Кичево, Гостивар, Тетово, Сарај и Битола, каде што голем број семејства останаа без покрив над главата и беа привремено сместени во спортски сали и други објекти.
Покрај отпадот, дополнителен проблем претставуваат и нелегалните градби во речните корита и нивната непосредна близина. Според ЦУК, овие објекти често се изградени без одобрение, надвор од урбанистичките планови и без да се води сметка за природниот тек на реките. Таквите интервенции не само што ги ставаат во ризик сопствениците на објектите, туку и значително го попречуваат движењето на водата, што резултира со заезерување и разлевање на поголеми површини.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, посочува дека човекот и неговото однесување се клучниот фактор за влошување на последиците од природните непогоди. „Перманентното фрлање смет и шут во долови, суводолници и речни корита директно ја намалува проодноста на водните текови. Истовремено, самоволието во делот на изградба на објекти во коритата е спротивно на сите законски прописи и претставува сериозна опасност“, вели Али.
Дополнителен ризик претставува и неконтролираното сечење на шумите, кое ја зголемува ерозијата и ја олеснува појавата на силни порои од планинските подрачја. Со години наназад се забележува и затворање или запуштање на секундарната и терцијалната каналска мрежа, која има клучна улога во прифаќањето на надојдените води. Во многу случаи, каналите се уништени заради градежни интервенции или проширување на приватни парцели.



