|

Германски биолози истражуваат лилјаци на Пелистер

Група германски биолози предводена од светски реномираниот експерт Бент Олендоф (70), кој веќе 53 години ги истражува лилјаците ширум светот, овие денови престојува на Пелистер каде спроведува теренски истражувања на овие важни цицачи.

Според експертите, од вкупно 44 видови лилјаци што живеат во Европа, над 30 се присутни и во Македонија – податок што ја става земјата на мапата како клучна за нивната заштита. Само во регионот на Преспа, Галичица и Пелистер се регистрирани 29 видови. „Лилјаците ги истражуваме со методот на мрежарење – поставуваме специјални мрежи во кои тие се заловуваат, потоа ги идентификуваме, им ставаме прстени како идентификациски белег и ги пуштаме назад. Користиме и ултразвучни детектори кои ги фаќаат звуците што тие ги испуштаат, но кои се надвор од опсегот на човечкиот слух“, објаснува Олендоф. Во текот на десетдневниот престој во Македонија, германските истражувачи евидентирале 16 различни видови лилјаци, а на Пелистер чест е т.н. „шарен лилјак“.

Според директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, истражувањето има и едукативна компонента, па затоа во дел од активностите се вклучени и ученици. „Само преку рана едукација и подигање на свеста кај младите можеме да ја сочуваме природата“, вели тој. Иако Македонија е богата со видови, земјата располага со само двајца професионални истражувачи на лилјаци. Еден од нив е Дејан Димиџиевски од Националниот парк „Галичица“, кој истакнува дека овие животни се од особена важност за биолошката рамнотежа.

„Лилјаците се ефикасен природен инсектицид. Еден лилјак може да изеде до 3.000 инсекти во една ноќ. Голема колонија со 10.000 единки може годишно да уништи до 5 тони инсекти – голем дел од нив се штетници за земјоделските култури. Без лилјаци, земјоделството би било приморано да прска по 30 пати годишно, наместо сегашните 3 до 10“, објаснува Димиџиевски. Лилјаците во Македонија се заштитени со закон, а нивната важност како биоиндикатори за загадување и климатски промени ги прави исклучително значајни за одржливиот развој и зачувувањето на биодиверзитетот.

Слични Објави