|

Функционери кријат фирми – државата им доделувала тендери и лиценци

Актуелни и поранешни функционери – градоначалници, министри, заменици-министри – не ги пријавувале сите фирми во кои имаат сопственички удели пред Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), иако тоа е нивна законска обврска. Во исто време, фирмите во кои тие имаат прикриени интереси добивале тендери, концесии и лиценци од државни институции. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, кое открива низа недоследности и пропусти во пријавувањето на сопственоста и интересите на јавните функционери. Еден од анализираните примери се однесува на актуелен градоначалник кој, според Регистарот на вистински сопственици, е евидентиран како сопственик во пет трговски друштва. Но, во изјавата за интереси доставена до ДКСК, пријавил само две од нив. Во друг случај, поранешен министер е евидентиран како 100% сопственик на аптека, но во својата изјава за интереси навел дека аптеката е во сопственост на неговата сопруга.

„Ваквите пропусти не се банални – тие создаваат сериозен ризик од корупција и директно влијаат на довербата во институциите“, велат од Центарот за граѓански комуникации. Според нив, државата нема ефективен механизам за автоматско вкрстување на податоци од различни регистри. Ова им овозможува на некои функционери да ги сокријат своите бизнис интереси, а при тоа да продолжат да учествуваат во донесување одлуки кои можат да им донесат лична корист.

Антикорупциската комисија има ограничен капацитет и пристап до податоци, а санкциите за непријавување или лажно пријавување на сопственост и интереси се благи или речиси непостоечки. „Потребни се итни законски измени кои ќе овозможат транспарентност, автоматска размена на информации и остри санкции за прекршителите“, порачуваат истражувачите. Овој случај уште еднаш ја отвора дебатата за ефикасноста на институциите во борбата против корупцијата и ја потенцира потребата од темелна реформа на системот за следење и пријавување на имот и интереси на функционерите.

Повеќе информации на линкот – – – https://www.ccc.org.mk/images/istrazuvanje%20vistinski%20sopstvenici.pdf

Слични Објави