Василица одбележана со традиционален оган и паричка на плоштадот „Цар Самоил“ (Видео)
Синоќа, на плоштадот „Цар Самоил“ во духот на традицијата, беше одбележан празникот „Стара Нова Година – Василица“. Настанот ги собра граѓаните кои со василичарски оган и свеченото кршење на печивото со паричка го прославија овој ден.
Најсреќниот момент го имаше Ленче Ѓоргиевска, која ја пронајде паричка во печивото, што според обичаите носи среќа, здравје и благосостојба во годината што следува.
„Честитки за Ленче Ѓоргиевска и нека ѝ донесе многу среќа во годината што доаѓа. На сите сограѓани им посакуваме здравје, успех и многу радости“, им посака градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски.
Празникот Василица, кој се одбележува со посебни обичаи и ритуали, е еден од омилените меѓу граѓаните. Оганот на плоштадот и дружбата што го придружуваа создадоа уникатна празнична атмосфера, обединувајќи ги младите и старите во прославата.
За многу години Василица!