ЕВН повеќе не смее да издава паушални фактури за потрошена струја !!!

Од денес, 29 мај 2025 година, стапува во сила новиот Закон за енергетика, според кој снабдувачот со електрична енергија е должен фактурите кон потрошувачите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Секое паушално фактурирање ќе биде дозволено само доколку мерењето е технички невозможно, односно ако струјомерот е неисправен. Во оваа насока, здружението Инженери на Македонија (ИНРМ) поднесе официјална претставка до Регулаторната комисија за енергетика, барајќи итна интервенција – укинување на спорниот член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, кој дозволува фактурирање без реално мерење. „Примената на членот 31 е во директна спротивност со новиот закон, особено со член 185, и секое понатамошно фактурирање по проценка, без технички оправдана причина, ќе биде незаконско“, велат од ИНРМ.

Барањата на Инженери на Македонија се следни:

  1. Итно укинување на членот 31 од подзаконските правила, кој повеќе нема правна важност поради спротивставување на новиот Закон за енергетика;
  2. Вонреден надзор врз ЕВН за да се утврди дали и по влегувањето во сила на законот продолжува незаконската пракса на паушално фактурирање;
  3. Јавен повик до потрошувачите за пријавување на сметки кои не се базирани на реално мерење;
  4. Повик за јавна одговорност на ЕВН поради систематско непочитување на законските и договорни обврски, со можност за преиспитување на договорот со кој австриската компанија го купи мнозинскиот удел во ЕСМ во 2006 година.

Во образложението, ИНРМ наведува дека мерењето мора да се врши исклучиво преку исправен мерен уред, а отчитувањето мора да го изврши операторот на системот. Паушално фактурирање е дозволено само ако има техничка неисправност. Секоја друга причина – како што се организациски пропусти, неотчитување или административни грешки – повеќе не се прифатливи според новото законодавство. Според нив, продолжувањето на практиката на паушално фактурирање без реално мерење, директно го нарушува член 32 од Законот за заштита на потрошувачите, кој бара точни и проверливи сметки. „Ова не е само техничко прашање – станува збор за кршење на уставно и законски загарантирани права на потрошувачите“, појаснуваат инженерите.

ИНРМ оди чекор подалеку и повикува на преиспитување на приватизацискиот договор со ЕВН Австрија. Тие тврдат дека досегашното работење не ги исполнило обврските за модернизација, транспарентност и точно мерење предвидени во договорот од 2006 година. Во своето барање, се повикуваат и на членови од Уставот, Законот за облигациони односи и Законот за заштита на потрошувачите, со кои се нагласува потребата од објективност, фер наплата и заштита на потрошувачите од злоупотреба на доминантна позиција на пазарот. Сега топката е кај Регулаторната комисија за енергетика, која има законска обврска да обезбеди примена на новиот закон и да спречи штетни практики. ИНРМ предупредува дека секоја дозвола за продолжување на постоечкиот член 31 од подзаконскиот акт ќе претставува тешка повреда на владеењето на правото. Дали институциите ќе реагираат навреме и дали граѓаните ќе добијат сметки засновани на реална потрошувачка, останува да се види.

Слични Објави