| |

80 години КУД „Стив Наумов“: Одбележување на традицијата и наследството на Битола

Синоќа Општина Битола, заедно со градоначалникот Тони Коњановски го одбележаа настанот 80-годишниот јубилеј на Културно-уметничкото друштво Стив Наумов – една од најзначајните културни институции во градот и во цела Македонија.

Прославата започна со изложбата во фоајето на Народниот театар Битола, која беше вистинска временска капсула, исполнета со над 150 артефакти и безброј фотографии што сведочат за историјата на Стив Наумов. Благодарение на стручната поддршка од Завод и музеј – Битола, оваа изложба ги пренесе корените, патувањата и достигнувањата на друштвото, потсетувајќи нè на моментите кои оставија траен белег на нашата култура.

На свечената академија, свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот кој што истакна :

„Стив Наумов е повеќе од друштво – тоа е амбасадор на битолската и македонската музика на светската сцена. Преку поздравните говори, музичките изведби на мешаниот хор и мандолинскиот оркестар, како и доделувањето на признанијата, одбележавме и чествувавме генерации на посветени уметници и поддржувачи кои се столбови на ова друштво“. 

Со посебна чест беше доделено признанието за животно дело на Љубомир Трифуновски, долгогодишен диригент и човек кој низ децении го градеше и одржуваше духот на оваа институција. Честитки до него и до сите добитници на признанијата, кои се вистински амбасадори на културното наследство на Битола.

Оваа вечер беше исполнета со емоции и спомени, и уште еднаш докажа дека Битола останува град на културата и традицијата, а Стив Наумов продолжува да ја негува и пренесува таа традиција на новите генерации. Како градоначалник, посветено ќе продолжам да ја поддржувам оваа културна институција, заедно со сите наши жители кои го ценат и го поддржуваат нашето наследство.

Честитки до Стив Наумов за овие 80 години и желби за многу нови успеси и достигнувања што ќе ја збогатат култура и иднината на Битола.

Слични Објави