32 лица и фирми под истрага – 700.000 евра штета во прилепската болница

Во случајот со прилепската болница, судот им определи притвор до 30 дена на 6 лица, на 19 мерка за претпазливост, а на 7 фирми забрана за учество во постапки за јавни набавки. Од шесте лица четворица се од Болницата, дел од поранешното раководство, а две лица се надворешни.



Долг е списокот на осомничени и сторени кривични дела во прилепската болница. Случајот што го истражуваше Финансиската полиција влезе во судска постапка и во обвинителството.

За финансиска штета на болницата во износ од околу 700.000 евра, истрага се води против 32 лица и фирми. Судот им определи притвор до 30 дена на шест лица, за 19 осомничени мерка на претпазливост, а за седум фирми забрана за учество во јавни набавки.

Од шесте лица со притвор, четворица се дел од поранешното раководство на болницата, а двајца се надворешни соработници. Тие се осомничени за злоупотреба на постапки за јавни набавки, доделување договори и проневера во службата.

Со пријавата на Финансиската полиција се опфатени и дела како несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, како и фалсификување или уништување деловни книги. Обвинителството ги испитува сите аспекти на случајот.

Осомничените — меѓу кои и поранешната директорка, раководители и други вработени, како и управители на правни лица — го оштетиле буџетот на болницата за над 42 милиони и 700 илјади денари.

Штетата, според истрагата, настанала преку спорни постапки за јавни набавки: сервис на моторни возила, чистење на простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски работи, физичко обезбедување и реконструкција на инфективното одделение. Дел од договорите не биле извршени, а во други случаи биле вршени незаконски промени на налози за исплата.

Финансиската полиција пред шест месеци започна детална контрола на финансиското работење на болницата, а предметот сега е во рацете на судот и обвинителството.

Слични Објави