250 евра за секој студент – Усвоен Законот за вредносни ваучери
На продолжението од 60-тата седница, пратениците со 84 гласа „за“ го усвоија Законот за издавање вредносни ваучери, со кој секој студент до 29 години запишан во учебната 2025/26 година ќе добие ваучер во износ од 250 евра (15.300 денари) за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер.
Мерката, со која се опфаќаат 55.000 студенти, ќе се финансира со средства од државниот буџет во висина од 850 милиони денари и има за цел да обезбеди еднаков пристап до дигитални ресурси и да ја зголеми технолошката писменост кај младите.
Во рамките на истата седница, Собранието ги усвои и следните законски измени:
- Законот за изменување и дополнување на Законот за стоковните резерви
- Законот за изменување и дополнување на Законот за тутун, тутунски производи и слични производи
- Законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски технолошки развојни зони
Покрај тоа, како дел од продолжението на 62-та седница, беше усвоен и Законот за иновативна дејност, научен и технолошки развој и претприемништво, со кој се очекува да се поттикнат инвестициите во научните истражувања, иновациите и развојот на стартапи.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, најави дека преостанатата точка од 62-та седница, која се однесува на одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија во мисијата УНИФИЛ (UNIFIL) во Либан, ќе биде закажана дополнително.



