Прилеп домаќин на ITGA 2026 Ориенталниот тутунски форум – Борче Серафимовски „просечната откупна цена на тутунот се очекува да надмине 420 денари за килограм“
Прилеп денеска бше центар на меѓународните разговори за иднината на ориенталниот тутун. По 14 години, значаен меѓународен форум повторно се одржува во нашата земја, обединувајќи претставници на тутунопроизводителите, меѓународните организации, научната заедница и тутунската индустрија. Во фокусот се состојбите во секторот, откупот на годинешната реколта, цената на тутунот и предизвиците за одржлив развој на производството.
Во Прилеп денеска се одржува ITGA 2026 Ориенталниот тутунски форум, во организација на Меѓународната асоцијација на производители на тутун (ITGA), во соработка со Меѓународната унија на производители на тутун (UNITAB) и Сојузот „Мака на тутуноберачите“ – Прилеп.
Настанот претставува значајна можност за размена на искуства, знаења и ставови меѓу претставниците на меѓународните и европските организации, научните и образовните институции, тутунопроизводителите, откупувачите и тутунската индустрија. Преку дискусиите се отвораат прашања поврзани со актуелните состојби на пазарот, квалитетот на ориенталниот тутун, условите за производство и перспективите на секторот во услови на сè поголеми економски и климатски предизвици.
За Прилеп, градот кој со децении е тесно поврзан со тутунопроизводството, домаќинството на ваков меѓународен настан има особено значење. Тутунот не е само земјоделска култура, туку дел од традицијата, економијата и секојдневието на илјадници семејства од Прилеп и поширокиот регион.
Просечната откупна цена се очекува да надмине 420 денари
Една од најзначајните информации поврзани со годинешната реколта е очекувањето просечната откупна цена на тутунот да надмине 420 денари за килограм, како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Покрај откупната цена, за тутунарите значајна е и поддршката преку субвенциите, кои се предвидени во износ од 80 денари за килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа.
Најавите за цената и финансиската поддршка доаѓаат во период кога производителите очекуваат соодветно вреднување на својот труд, вложувањата и квалитетот на произведениот тутун. Транспарентниот откуп, јасните договорни услови и навременото исполнување на обврските се меѓу клучните прашања за стабилноста на производството и сигурноста на тутунарските семејства.
Климатските промени – предизвик за иднината на тутунопроизводството
Меѓу важните теми за развојот на секторот е и влијанието на климатските промени врз приносите и квалитетот на тутунскиот лист. Високите температури и сушата создаваат дополнителни предизвици за производителите, поради што сè поголемо значење добиваат примената на научните сознанија, стручните препораки и приспособувањето на производствените практики кон локалните услови.
Во оваа насока се издвојува и соработката со Научниот институт за тутун во Прилеп и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, чии стручни капацитети можат да придонесат за креирање политики и решенија за долгорочна одржливост на производството.
Тутунот – важен дел од прилепската економија и традиција
Значењето на тутунопроизводството се гледа и преку неговиот придонес за националната економија. Според податоците изнесени на форумот, со оваа дејност се ангажирани приближно 18.000 земјоделски стопанства, додека извозот на тутун и тутунски производи обезбедува годишен девизен прилив од околу 140 до 150 милиони евра.
Овие бројки ја потврдуваат важноста на секторот за руралните средини и за голем број семејства што со години ја одржуваат традицијата на производство на ориентален тутун.
Прилеп, како еден од најпрепознатливите центри на тутунопроизводството, има посебно место во оваа приказна. Затоа, одржувањето на ITGA 2026 Ориенталниот тутунски форум во градот претставува можност да се афирмираат неговото искуство, знаење и долгогодишна поврзаност со тутунската дејност.
Форумот воедно е можност да се зајакне соработката меѓу производителите, институциите и меѓународните организации, со цел подобро справување со предизвиците на пазарот и создавање услови за поквалитетно и поодржливо производство.
Прилеп повторно го потврдува своето место на меѓународната мапа на ориенталниот тутун – како град со богата традиција, препознатлив квалитет и силна поврзаност со тутунарството. Очекувањата од форумот се разменетите искуства и отворените дискусии да придонесат за нови можности за соработка и за подобра иднина на тутунопроизводителите.


