Зголемени капацитети за справување со пожари-Битола со нови 20 пожарникари
Во Битола заврши обуката на сезонските пожарникари, кои беа избрани на јавниот повик, објавен во рамките на мерката 6.2 Јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување).
Проектот кој вклучува 364 кандидати на ниво на целата држава се реализира во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Противпожарниот сојуз на Македонија, Црвениот крст на Македонија, општините и противпожарните единици.
Во Битола, како еден од 13-те градови во кои се спроведуваше оваа активност, обуката успешно ја завршија 20 кандидати, кои на почетокот го поминаа теоретскиот дел, а потоа и практичните вежби за гаснење на пожари на отворен простор, како и обуката за прва помош.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посети учесниците за време на нивната обука, при што им посака успешна работа, професионалност и посветеност во извршувањето на задачите поврзани со заштитата на населението, материјалните добра и природните богатства од пожари. Градоначалникот на Битола, потенцираше дека локалната самоуправа и во идниот период продолжува со силна поддршка за ТППЕ Битола, изразена преку изградбата на новата противпожарна зграда, нејзиното доопремување кое е во тек, но и преку подготовка на дополнителен кадар кој успешно и навремено ќе одговори на сите предизвици.
Учесниците на обуката истакнаа висока мотивација и подготвеност професионално да се вложат за време на нивниот ангажман и да дадат свој придонес во противпожарната заштита на средината од која доаѓаат.
По завршувањето на обуката ќе следи склучување на договори и распределба на обучените сезонски пожарникари од вклучените општини по Територијалните противпожарни единици.
Обуката, покрај тоа што претставува важен чекор во зајакнување на капацитетите за справување со пожари, значајно придонесува и кон локалната заедница преку создавање обучени кадри подготвени да дејствуваат при секој потенцијален ризик.
Со ова, Битола уште еднаш покажува активна улога во националните безбедносни и еколошки иницијативи, ставајќи ги човечкиот потенцијал и превенцијата во фокусот на заштитата на градот и околината.



