Зголемен број на родени бебиња во прилепската болница – раст од 14 %, Светската недела на доењето одбележана со едукативна работилница

ПРИЛЕП – Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ во Прилеп годинава бележи охрабрувачки пораст на бројот на новороденчиња. Заклучно со денот на одржувањето на работилницата по повод Светската недела на доењето, во споредба со истиот период минатата година, во болницата се родени 32 бебиња повеќе, што претставува зголемување од 14 проценти. Овој позитивен тренд е дополнителен мотив за здравствените работници да продолжат со активностите насочени кон унапредување на здравјето на мајките и новороденчињата.

По повод Светската недела на доењето, во болницата беше организирана едукативна и практична работилница наменета за идните и младите мајки, со цел да се истакне значењето на доењето како најдобар почеток во животот на секое дете.

Неонатологот д-р Лилјана Христоска зборуваше за клучната улога на доењето во правилниот раст и развој на новороденчето, јакнењето на неговиот имунитет, како и придобивките што ги има за здравјето на мајката. Таа посебно ја нагласи важноста доењето да започне уште во првите часови по раѓањето.

Педијатрискиот невролог д-р Габриела Тавчиоска ги запозна присутните со значењето на доењето за правилниот развој на мозокот, а зборуваше и за принципите на правилното постапување со новороденчето (baby handling), кое придонесува за создавање правилни модели на движење и здрав психомоторен развој.

Практичен дел од работилницата реализираа медицинските сестри Марина и Анета, кои преку демонстрација на правилните техники на доење им понудија конкретни совети, поддршка и охрабрување на младите мајки.

Од болницата потенцираат дека поддршката на доењето претставува инвестиција во здравјето на идните генерации. Воедно, упатија благодарност до сите мајки кои учествуваа на работилницата, како и до компанијата Welleda, која ги претстави своите природни производи за нега на кожата на трудниците, родилките и бебињата.

Светската здравствена организација препорачува исклучиво доење во првите шест месеци од животот, а продолжување на доењето и по воведувањето на цврста храна, до двегодишна возраст или подолго. Создавањето поддржувачка средина за мајките, како во семејството така и во здравствените установи, е еден од најважните предуслови за успешно доење и здрав почеток на животот на секое новороденче.

Порастот од 14 проценти на бројот на родени бебиња, заедно со континуираните едукативни активности, испраќаат силна и позитивна порака дека грижата за мајките и новороденчињата останува еден од приоритетите на прилепската болница.

Слични Објави