МАТИЈА ДЕДИЌ, ГОРАН БОЈЧЕВСКИ, ЉУБОЈНА, АНА БУНТЕСКА, ДАРКО ЛЕШОСКИ – ДЕЛ ОД БИТОЛСКО КУЛТУРНО ЛЕТО „БИТ ФЕСТ 2024“
Познати се дел од учесниците на 16-тото издание на битолско културно лето „БИТ ФЕСТ“, со кои се комплетира годинешната културна понуда до крајот на месец август.
На задоволство на битолската публика, на 5 август свој настап ќе има групата „Љубојна“, која преку својот автентичен музички стил, на присутните гости секогаш им нуди незаборавни моменти на музичко уживање, водено од македонската традиција и мелос.
На 9 август, Љубителите на класичната музика, ќе имаат ретка можност да бидат дел од настапот на врвниот светски познат пијанист Матија Дедиќ, кој ја продолжува музичката традиција на неговото семејство, Арсен Дедиќ и Габи Новак. Заедно со Матија Дедиќ, ќе настапи и битолчанецот Горан Бојчевски, магистер по кларинет и композитор, кој магистрираше на признатиот Моцартеуму во Салзбург, а музичките критичари го вбројуваат во еден од најдобрите кларинетисти во светот.
На 10 август, за љубителите на домашното вино, во организација на Slow Wine – Вински салон, ќе бидат промовирани малите семејни производители на вино, кои преку дегустација ќе ја раскажат својата уникатна винска приказна, произлезена од локалните сорти на грозје, растени на ова поднебје. Манифестацијата ќе биде надополнета со настап на музички групи
И за вљубениците во пишаниот збор, понудата на креативното изразување ќе биде изразена преку средбата со најпознатите македонски писатели. Преку целодневна работилница, публиката ќе може да се сретне со Ана Бунтеска, Дарко Лешоски, Ана Јовковска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Јасмина Атанасова.
Ликовната и применетата уметност, како форма за промоција на културата, традицијата и уметноста на градот, преку работилници ќе биде доближана до пошироката јавност преку Ателје Солак, а изработените творби од секој учесник ќе бидат изложени на финална изложба кон крајот на месец август.
Финалето на 16-тото издание на битолско културно лето „БИТ ФЕСТ“, ќе биде посветено на уште еден значаен битолчанец, преку манифестацијата „Незаборав“. Песните на познатиот композитор Тоде Новачевски, ќе бидат отпеани на концерт во живо, со познати македонски изведувачи.