(видео) Неславен почеток на новиот совет во Битола – Опозицијата ја напушти првата седница
Првата седница на Советот на Општина Битола започна со тензија, што ја обележува како неславен почеток за новиот состав. Наместо најавената 1 точка, се најдоа 11 точки на еден час пред почетокот, сите од комисиите на претходниот состав, кои претходно не биле изгласани.
Затоа што седницата беше закажана како вонредна, советници од опозицијата посочија дека пред гласањето треба некој да ја образложи потребата од вонредна седница, но мнозинството гласаше без никакво образложение, само со повикување на член од Деловникот според кој се укажува на тоа, кој може да се свика вонредна седница. На барањето биле потпишани 16 советници од мнозинството.
Советниците од Левица, СДСМ и ПОИНАКУ ја напуштија седницата, посочувајќи дека немале доволно време да ги проучат материјалите – тие ги добиле само еден час пред почетокот.
Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски (ВМРО‑ДПМНЕ), игнорираше барања за одлагање и дебата, а сите 11 точки ги изгласаа 20 советници од коалицијата предводена од ВМРО‑ДПМНЕ и независната ГРИН.
Точките што беа изгласани опфаќаа:
- Грант од САД за доградба на нова противпожарна зграда
- Пренамена на средства за „Smart for You Too“ проект
- Локален акциски план за животна средина до 2030
- Нацрт ДУП за четврт Запад 8 (спортски комплекс)
- Воспоставување зонско паркирање кај ЈАТ
- Одлуки за закуп и поставување билборди
- Пренесување право на градење



