| |

Загрижувачки трендови: Сè помалку деца во Македонија

Анализата на состојбата со децата и адолесцентите во Македонија за 2024 година открива сериозни предизвици во исполнувањето на нивните права и потреби. Иако земјата бележи напредок во одредени области, остануваат значителни нееднаквости и недостатоци во адаптацијата на јавните услуги на брзо менувачките демографски услови.

Од 2011 до 2023 година, бројот на деца во земјата се намалил за 18 проценти, а фертилитетот изнесува само 1,5 – далеку под стапката неопходна за природна обнова на населението. Урбанизацијата е во пораст, при што 63 проценти од децата сега живеат во градовите. Дополнително, земјата се соочува со континуирана негативна нето миграција, односно повеќе лица заминуваат отколку што се доселуваат, освен за време на пандемијата со КОВИД-19.

„Основните јавни услуги, како што се образованието, здравството и социјалната заштита, не се соодветно прилагодени на овие промени, што негативно се одразува врз најмладите и најранливите граѓани,“ се наведува во Анализата. Оваа ситуација создава сериозни ризици за социјалната кохезија и долгорочниот развој на земјата.

Анализата, спроведена со акцент на човековите права и еднаквоста, има за цел да послужи како алатка за јавен дијалог и застапување за политики ориентирани кон децата. Таа нуди јасни насоки за институциите, граѓанските организации и меѓународните партнери, со цел подобрување на квалитетот на живот на сите деца во Македонија.

Во време кога светот се соочува со глобални предизвици, одржливиот развој и заштитата на најмладите се клучни за иднината на секоја земја. Македонија не е исклучок.

Извор и фото – УНИЦЕФ Р.С.Македонија

Слични Објави