Малолетници се забавуваат до раните утрински часови во битолските клубови
Малолетни лица сè почесто се затекнуваат во битолските ноќни клубови по полноќ, при што дел од нив се и под дејство на алкохол. Загрижувачка е леснотијата со која тие влегуваат во локалите и консумираат алкохол, без притоа некој да ја провери нивната возраст.
Се слават родендени, се организираат забави, а алкохолот слободно тече, иако постојат законски ограничувања кои го забрануваат неговото точење на лица под 18 години. Клубовите и кафетериите стануваат чести собиралишта на младите во доцните часови, без надзор и со многу мала контрола од надлежните институции.
Граѓаните и дел од родителите алармираат на потребата од посериозен надзор и поголема одговорност – и од страна на угостителите, и од самите родители. Социолозите предупредуваат дека раната изложеност на алкохол и ноќен живот може да има негативно влијание врз менталното и физичкото здравје на младите.