|

Во тек е истрагата за одговорноста во трагедијата во Кочани

Во пожарот во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 60 млади лица, а повеќе од 140 беа повредени.

Јавното обвинителство соопшти дека досега се сослушани над 20 лица, од кои за 11 е поведена постапка за проверка. За осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три, поради сериозноста на нивните повреди, сè уште се хоспитализирани.

Според првичните наоди на истрагата, дискотеката не поседувала соодветна противпожарна заштита – немала хидрантска мрежа, а бројот на противпожарни апарати бил недоволен. Исто така, во објектот незаконски биле користени пиротехнички средства, а локалот немал лиценца за работа.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека на информативен разговор бил повикан и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, како и други лица кои се поврзани со процесот на издавање дозволи за работа.

„Станува збор за сложен предмет со многу аспекти што треба да се испитаат. Преземени се активности за обдукција на жртвите, анализа на доказите, како и наредби за апсење на сите инволвирани во овој трагичен настан,“ изјави Коцевски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека дел од осомничените веќе се приведени, а други се во болница.

„Во моментов, четири лица се обезбедени во болница – два члена на музичкиот бенд, син на сопственикот на дискотеката и управителот на правното лице кое ја менаџирало дискотеката. Приведени се и организаторот на настанот, поранешен државен секретар во Министерството за економија, поранешен раководител во истото министерство, како и поранешен директор и тројца вработени во Дирекцијата за заштита и спасување,“ изјави Тошковски.

Според него, истрагата покажала дека фирмата што управувала со дискотеката немала валидна работна лиценца и дека нејзиното работење било поврзано со корупциски практики.

Истражните органи најавија дека продолжуваат со прибирање нови докази и испрашување сведоци, додека јавноста очекува одговори за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјава.

Слични Објави