Над 26.000 прекршоци за еден месец – Брзото возење доминира на патиштата

Во текот на март 2026 година, системот „Безбеден град“ евидентирал вкупно 26.241 сообраќаен прекршок на подрачјата каде што се поставени камери, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според податоците, убедливо најголем дел од прекршоците – дури 25.230 – се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, што повторно го става брзото возење како најсериозен проблем во сообраќајот.

Дополнително, регистрирани се 941 прекршок за управување возило со истечена сообраќајна дозвола. Во однос на поминување на црвено светло, евидентирани се 70 случаи, што претставува значително намалување од 68,2 проценти во споредба со февруари.

Во текот на месецот биле изречени и 544 мерки за забрана за управување со возило, што е за 16,7 проценти помалку од претходниот месец. Од нив, 70 мерки се поради поминување на црвено светло, додека 474 се резултат на брзо возење.

Загрижувачки се и податоците за сериозни прекршувања на брзината. Дури 362 случаи се однесуваат на возење над 80 километри на час во населено место, 70 случаи за надминување на дозволената брзина над ограничувањето на возилото, додека 42 возачи биле фатени како управуваат со возило со брзина над 170 километри на час на отворен пат.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на ризикот од сообраќајни незгоди.

Слични Објави