Во највисокиот град на Балканот – Интервју „Утринско кафе“ со градоначалникот Томе Христоски (Видео)
Крушево не смее да „падне“, оти е на многу високо
Во највисокиот град на Балканот, многу нешта се менети, споредено дури и со скорешното минато. Крушево ги наполни улиците со туристи, со настани и со стратешки приказни, кои одржливо ги „продаваат“ најдрагоцените брендови на местото, неговото историско значење, историските и културни вредности и споменот на најмилото крушевско и балканско чедо Тоше.
Крушево веќе не мора цела година да го чека Илинден, за Македонија да го види и посети, туку прославата на овој најголем и најсвет празник за Македонските граѓани е само еден од многуте настани, кои привлекуваат посетители, како гравитациска точка на националната гордост, но и на светското препознавање на градот како незаменливо место за параглајдинг, туризам на возбуда, планинарење, скијање, гастрономија, монументален туризам и за постигнување духовен мир со песната на славејчињата и на Тошета.
Филозофијата на промената е добро раководење и добро искористување на парите, верба во можностите за развој, многу работа и отвореност на општината. Овие планови створија добар општински кадар, кој е способен визиите на градоначалникот Томе Христоски да ги претворат во дела, а тој самиот плановите ги градел во соработка со граѓаните, разбирајќи ги нивните желби и ставови, како и сомнежи и стравови.
Се разбира, тоа немало да се случи, ако Томе, најпрво, не протежирал верба дека „Крушево може“ и дека тој не е тука за полнење на сопствениот или партиските џебови, туку за доброто на градот. Ова е формула која секогаш успева.
Сега е Крушево на добар пат за понатамошен развој, а останува рак раната, која се кажува со еден збор: Млади и нивно останување во своето родно место. Тешка задача, на која и огромни општини и држави во светот „паднале“. Крушево не смее да сѝ дозволи да падне, затоа што е на многу високо и падот би бил кобен. Со среќа Крушево, со среќа градоначалниче.
И ОТВ се качи во високото Крушево, на утринско кафе – муабет со градоначалникот Томе Христоски, да праша за Крушево и за филозофијата на промената на добро, во предвечерието на нашиот најголем национален празник Илинден. Ние знаме дека Крушево е доста „здраво“, но запрашавме и за „болестите“ на општината и како општинарите ги лечат.
Повеќе во интервјуто со градоначалникот Томе Христоски.