Видра, која е реткост во Македонија каснала велешанец

Невообичаен инцидент се случи во Велешко, кога маж на возраст од 47 години бил каснат од видра – животно кое е реткост во Македонија. Според проценките, во земјата живеат само околу 350 до 400 единки од овој вид.

Како што објави “Фокус”, мажот одгледувал крапови кај Капиновски Вирови и вечерта заминал да улови крап. Тогаш ја забележал видрата која неочекувано скокнала кон него и му откинала парче месо од раката. Повредениот веднаш побарал лекарска помош во велешката болница, каде му била извршена хируршка интервенција.

Веста за несекојдневниот настан ја потврдија и од ПР службата на ЈЗУ Општа болница Велес.

Велешани за случката велат дека не паметат некогаш да се случило човек да биде нападнат од видра во нивната околина. Видрата е позната како многу ретко и плашливо животно кое живее околу природни и вештачки водни живеалишта. Таа се храни со риба, полжави, инсекти и змии, а напаѓа само кога се чувствува загрозена. Видрите имаат остри заби и канџи, што ги прави опасни во ситуации кога се во одбрана.

Според ветеринарите, во земји каде видрата е распространета, се случува да нападне човек, но таквите случаи се ретки. Во Северна Америка, каде видрата е почеста, во последната декада се забележани само шест напади врз луѓе. На светско ниво, од 1875 година досега, официјално се регистрирани само 44 напади на видра врз човек.

Кај нас, видрата се смета за заштитен и исклучително редок вид. Нападот врз велешанецот можеби е единствениот ваков случај во Македонија и пошироко на Балканот. Експертите истакнуваат дека инцидентот е најверојатно предизвикан од чувство на загрозеност кај животното, кое можеби се нашло во близина на човекот случајно.

Слични Објави