Целоснo се забранува движење во шумите од 01.07.2026

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека од 1 јули до 31 август 2026 година ќе биде во сила целосна забрана за движење во шумите и на шумското земјиште на територијата на државата, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари.

Од Министерството соопштија дека согласноста за воведување на забраната е дадена согласно член 57 став 3 од Законот за шумите, по насоки од Владата и на барање на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја.

Во текот на двомесечниот период, движењето во шумите ќе биде дозволено само со писмено одобрение издадено од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ или од националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.

Министерството апелира до граѓаните да ја почитуваат забраната, истакнувајќи дека таа има за цел да го намали ризикот од пожари и да придонесе за заштита на шумските екосистеми во текот на летниот период.

За лицата кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или на шумско земјиште без соодветно одобрение, согласно член 106 од Законот за шумите, се предвидени глоби во висина од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Министерството најавува дека надлежните институции ќе вршат засилени контроли за време на траењето на забраната.

Слични Објави