Let’s Talk About Plan(t)s, Baby! – изложба
04.04.25 во 19 часот, Ликовна галерија при НУЦК Марко Цепенков, Прилеп
Изложба од Елена Димоска Николоска
„Let’s Talk About Plan(t)s, Baby!“ е уметнички проект кој ја истражува убавината и упорноста на природата, наспороти човечката летаргичност и занемарување. Овој проект се фокусира на двa специфични новоизградени објекти во Прилеп, основно училиште и градинка, кои покрај тоа што веќе неколку години се изградени, до сега воопшто не се користени за нивната наменета цел.
Наместо со детскиот глас и насмевки, дворовите на овие објекти се исполнети со разновидни растенија. Додека и двата објекти полека се распаѓаат, а многу деца и родители го очекуваат отворањето на објектите, природата величествено процветала во отсуството на човечко присуство.
„Let’s talk about plan(t)s, Baby!“ го потенцира и концептот на игнорирање на „слонот во просторијата“—во овој случај, новите, а веќе остарени, несудени образовни институции. Често, ние луѓето се фокусираме само на она што е директно пред нас, игнорирајќи и прескокнувајќи значајни проблеми кои лежат само малку подалеку од нашата непосредна перцепција.
Проектот ги поттикнува гледачите подлабоко да размислат, со тоа што повторно ќе се фокусираат на малите, „убави“ проблеми кои виреат околу она што треба да им биде во главен фокус, но, и да ѝ посветат внимание на природата, почитувајќи ја нејзината непокорлива способност да создаде нешто и таму каде што скоро и да нема ништо.