(видео) Уште еден обид за сечење на 70-годишниот јавор во ООУ „Кочо Рацин“ – акцијата траеше повеќе од пет часа

Утрово во 5 часот, сабота спроти недела, започна уште еден обид за сечење на 70-годишниот јавор во дворот на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп.

Екипа на ЈКП „Комуналец“, овојпат засилена со багер, покрај камионот со корпа-лифт, се стационираше во училишниот двор. Акцијата ја обезбедуваа околу 15 полицајци и тројца инспектори.

На местото беа и околу 30 граѓани, кои со уредно најавен протест повторно застанаа во одбрана на старото дрво.

На почетокот полицијата постави кордон меѓу јаворот и граѓаните, додека работниците на „Комуналец“ започнаа со кастрење. Успеаја да отстранат само мал дел од гранките.

Граѓаните неколкупати им укажаа на полицајците дека со поставувањето на кордонот им се попречува правото на мирен протест. Бидејќи кордонот не беше отстранет, беше упатена првата пријава на бројот 192 за попречување на мирен протест.

По околу половина час, бидејќи ситуацијата остана непроменета, беше упатена и втора пријава.

По втората пријава полицијата го растури кордонот и им овозможи на граѓаните да пристапат до јаворот. Со тоа веќе немаше услови работниците на „Комуналец“ да продолжат со сечењето, па активностите беа прекинати.

Следуваше повеќечасовна борба на нерви. Граѓаните останаа покрај дрвото, додека екипата на „Комуналец“ остана во дворот.

За реализација на сечењето претходно беше исклучена и електричната енергија во квартот, бидејќи електрични кабли поминуваат низ дрвото.

Поради долгиот период без електрична енергија реагираа и сопствениците на дуќаните во околината, загрижени за производите и робата што ја чуваат во фрижидери.

И покрај тоа што акцијата започна во 5 часот наутро и на терен беа ангажирани екипа на „Комуналец“, багер, камион со корпа-лифт, полиција и инспектори, по повеќе од пет и пол часа екипата на „Комуналец“ се повлече.

Јаворот остана.

Засега е исечен само мал дел од гранките.

Ова е уште еден неуспешен обид да се исече 70-годишното дрво, кое денес повторно го бранеа триесетина граѓани.

Слични Објави