(видео) Ротари Клубот Прилеп донира професионален агрегат за вакциналното одделение
Ротари Клубот Прилеп денес донираше професионален бензински агрегат на Општата болница во Прилеп, наменет за потребите на вакциналното одделение, со цел обезбедување стабилен напон на електрична енергија и безбедно чување на вакцините.
Претседателот на Ротари Клубот Прилеп, Орде Ѓоѓиоски, истакна дека иницијативата започнала пред еден до два месеци, по разговори со раководството на болницата за реалните потреби на вакциналното одделение.
„Разговаравме околу потребата од стабилен напон на електрична енергија за правилно одржување на вакцините. Ротари во светот е најзаслужен за ерадикацијата на детската парализа – полиото, и токму од таму произлегува и нашата заложба да придонесеме кон безбедно и сигурно чување на вакцините“, изјави Ѓоѓиоски.
Тој нагласи дека оваа донација не е крај на хуманитарните активности на клубот и дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на здравствениот систем.
„Се надеваме дека во скоро време ќе обезбедиме дополнителни средства или донации, особено медицинска опрема од странство, која ќе биде од корист за болницата“, додаде Ѓоѓиоски.
Воедно, тој потсети дека во изминатиот период подмладокот на Ротари Клубот обезбедил и две ваги – една за болницата и една за вакциналното одделение, наменети за мерење на тежината на бебињата.
Директорот на ЈЗУ Општа болница Прилеп, Кире Јоноски, изрази голема благодарност до Ротари Клубот Прилеп за значајната донација.
„До сега никогаш немавме агрегат за вакциналното одделение и се соочувавме со сериозни проблеми кога ќе снемаше струја, особено со чувањето на вакцините. Со оваа донација, тој проблем е надминат“, истакна Јоноски.
Тој нагласи дека агрегатот е од огромно значење за нормално функционирање на вакциналниот пункт и дека болницата е исклучително благодарна за поддршката и соработката со Ротари Клубот Прилеп.



