|

2-ри Октомври – Меѓународен ден на ненасилството

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на не насилството, денот на раѓањето на Махатма Ганди, пионер на филозофијата и стратегијата на ненасилството, лидер на индиското движење за независност, најпознатиот миротворец во светот.

Воспоставен од страна на Обединетите нации, со резолуцијата на Генералното собрание од 15 јуни 2007 година, Меѓународниот ден на ненасилството  е повод да се шири пораката на ненасилство, преку образование и подигнување на јавната свест, обезбедување на култура на мир, толеранција и разбирање.

По повод овој ден, Генералното собрание на ОН упатува апел до државите, телата на ОН, регионалните и невладините организации, како и до поединците, да придонесат кон одбележување на Денот на ненасилството, со низа активности како: вести и статии, јавни предавања, семинари, дискусии, прес-конференции за ненасилство, фото-изложби, кампањи и сл.

Инаку, Махатма Ганди е роден во Индија на 2 октомври 1869 година, а бил убиен на 30 јануари 1948 година. Запаметен е по неговиот придонес кон слободата на Индија со која се стекна во 1947 година, по ангажманот за светска употреба на ненасилството како средство за мирно решавање на разликите.

„Око за око го прави целиот свет слеп“ и „Постојат многу идеи за кои сум подготвен да умрам, ама ниту една за која можам да убијам“ – се само дел од широкиот спектар мудрости на „таткото на нацијата“, Махатма Ганди.

Слични Објави