|

(видео) Инклузивен спортски настан по повод Светскиот ден на лицата со попреченост во Прилеп

Денес, 3 декември, кога се одбележува Светскиот ден на лицата со попреченост, Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп организираше инклузивен спортски настан под мотото „Тим Спорт Инклузија“. Настанот се одржа во спортската сала на ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп и собра голем број ученици и млади лица од различни образовни и дневни центри.

На настанот учество зедоа учениците од средните училишта „Ѓорче Петров“ и „Орде Чопела“, основните училишта „Гоце Делчев“ и „Добре Јованоски“, како и младите од Дневниот центар „Ѕуница“ и Дневниот центар за лица со церебрална парализа.

Учениците од основните училишта со пригоден рецитал на тема „Инклузијата во спортот“ ја збогатија програмата, испраќајќи силна порака за еднаквост, прифаќање и тимски дух.

Во рамки на настанот беа организирани натпревари во одбојка и пинг-понг, но без натпреварувачки резултат – поените не се броеја, затоа што сите учесници беа вистински победници. Преку спорт, дружење и тимска игра, беше испратена силна порака за еднаквост, прифаќање и инклузија.

Настанот помина во позитивна атмосфера, со насмевки, аплаузи и искрена радост, потврдувајќи дека спортот е еден од најсилните мостови што ги поврзува луѓето, без разлика на нивните различности.

Слични Објави