Потрошувачите реагираат – Храната поскапува, а платите мируваат
Потрошувачите деновиве се повеќе реагираат дека цените на основните прехранбени производи растат. Во повеќе продажни маркети повторно се коригирани цените на основните прехранбени производи – табла јајца достигна и надмина 380 денари, а значително поскапеа месото и сувомесните производи. Потрошувачите велат дека цените растат „по денар-два“, за на крајот од месецот некои производи да се зголемат и за 10 до 20 проценти.
Како што велат потрошувачите, речиси нема производ што не е покачен во маркетите.
„Секој ден ист производ има нова цена. На јајца, на месо, сувомеснати производи, на млеко… На крај се чудиме дали сме купиле нешто погрешно или е грешка на каса, а всушност цената е сменета“, велат купувачите.
Таблата јајца веќе чини над 380 денари, што претставува раст од речиси 30% за еден месец.
Потрошувачите коментираат дека ова е производ кој не може да се замени, бидејќи е неопходен во секојдневната исхрана.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата достигна 4.5%, а храната е еден од најголемите двигатели на растот на трошоците. Сојузот на синдикати на Македонија веќе месеци предупредува дека потрошувачката кошница станува недостижна за семејствата со минимални примања. Според пресметките на ССМ, цената на основната храна расте секој месец, а во последниот период храната и пијалаците поскапеле за над 12%.
Говедско месо се продава за над 1.000 денари за килограм, свинско над 420 денари, а пилешко над 300 денари.
Потрошувачите сè погласно зборуваат дека сите маркети ги покачуваат цените во исто време, што, како што велат, „никако не може да биде случајност“.
И од ССМ предупредуваат дека казните за можна картелска координација се премногу ниски и не даваат ефект.
Според податоците на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), „потрошувачката кошница“, односно минималниот износ што е потребен за егзистенција, драматично поскапува. Во август 2025 — храната и пијалаците во кошничката поскапеа за 12.09% во однос на претходниот месец.
Тоа значи дека семејствата што примаат минимална, или блиска до минимална плата, се соочуваат со реален пад на куповната моќ — т.е. нивниот буџет значи помалку од порано.
Голем дел од населението — особено оние што примаат минимална, или плати блиски до неа — се соочуваат со сериозна финансиска неизвесност. Со постојан раст на храната, енергијата, парното, струјата и останатите трошоци за одржување на домаќинството, реалната куповна моќ опаѓа.
За многу семејства тоа значи откажување од дел од основните прехранбени производи, замени со поевтини — или пак — префрлување на трошоците на најмилите (поедноставни и подевтини јадења, помалку месо, одложени инвестиции).
Додека цените растат, податоците покажуваат:
30% од работниците земаат минимална плата
70% земаат од минимална до просечна
49% од населението се смета за сиромашно
Најавено е ново зголемување на цената на струјата, парното веќе поскапе за скоро 6%, а владиниот предлог за „потрошувачка кошница“ повторно се одложи. Последна контрола за цените беше Во февруари 2025, кога Влада на Македонија донесе одлука за контролa на цените и ограничување на маржите на трговците и увозниците за основни прехранбени производи — млеко, леб, брашно, јајца, масло, јогурт и др.



