(Видео) ХРАБРА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО КРУШЕВО- Спасен параглајдеристот кој висеше на дрво високо над 30 метри
Во екстремно тешки услови, со силен ветар и во ноќно време, тимот за спасување на планина при Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) синоќа успешно го извлече странскиот параглајдерист кој беше заглавен на дрво на височина од над 30 метри во близина на Крушево. Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, интервенцијата беше исклучително ризична, но заврши безбедно и успешно.
Параглајдеристот се здобил со полесни повреди, но е надвор од животна опасност.
Информацијата првично пристигнала од Полициската станица Крушево, откако било пријавено дека странски државјанин, при лет со параглајдер, удрил во високо дрво и останал да виси заглавен меѓу гранките. Локалните спасувачи немале технички можности за безбедно извлекување, по што веднаш бил активиран специјализираниот планински спасувачки тим на ДЗС.
Во тимот учествувал и искусниот спасувач Дарко Неданоски од Прилеп.
„Потребна е силна и организирана спасителна служба. Животот нема реприза,“ напиша Дарко Неданоски по завршување на операцијата.
Настанот уште еднаш ја потврдува важноста од брза реакција, добра координација и соодветна опременост на службите за заштита и спасување, особено во планинските подрачја кои често се посетувани од авантуристи и туристи.



