(видео) Абрашоски: Продолжуваме со засадување на нови и замена на оштетени дрвја
Во изминатиот период во Прилеп беа засадени околу 150 нови зелени дрвца на повеќе локации во градот, меѓу кои спомен-паркот Могила на непобедените и кругот на капелата на старите градски гробишта.
Директорот на ЈКП„Комуналец“-Прилеп, Рубин Абрашоски, посочи дека се врши замена на сите оштетени и уништени дрвца, како и дополнително пошумување на празните делови од дрворедите.
„Да, ги заменуваме сите оштетени садници, а таму каде што има празни места – засадуваме нови. На пример, на улиците Васко Карангелевски и Прилепски бранители веќе има нови дрвца, а ваквите активности ќе продолжат континуирано,“ истакна Абрашоски
Тој апелираше до граѓаните да ги чуваат младите дрвца и да не ги оштетуваат, бидејќи дел од новозасадените садници веќе биле уништени од несовесни поединци.
Активностите се дел од пошироката иницијатива „Еко мисија – Твојот потпис за природата“, чија цел е подигнување на еколошката свест и уредување на зелените површини во градот.



