Тумбе Кафе со современ изглед
Омилената зона за рекреација и релаксација на Битолчани ќе добие нов современ изглед. Се модернизира и осовремeнува пешачката патека на потегот Тумбе Кафе – Смолево, дел од проектот „Подобра социјална инклузија преку изградба на инфраструктура за млади, спорт и рекреација во руралните и урбаните средини во Пелагонискиот регион”
Во рамките на овој проект Тумбе Кафе ќе добие нов современ изглед со опрема и урбани елементи што ќе бидат во функција на потребите на посетителите. Активностите вклучуваат, адаптирање и уредување на пешачките патеки, поставување на нова современа урбана опрема, санација и адаптација на постоечката урбана опрема како и изградба на нова фитнес зона.
На почеток на реализација на проектот за изградба на пешачка патека на потегот Тумбе кафе – Смолево. Градоначалникот Коњановски, изјави: “Денес, се наоѓаме на една посебна локација, која за сите нас битолчани значи многу, особено со почетокот на топлите денови, во кои многу сограѓани имаат навика да пешачат во овој дел на градот. Токму затоа, почетокот на градежната сезона го користиме за реализација на овој важен проект, кој градот го заслужува, а се однесува на Изградба на пешачка патека на потегот Тумбе кафе – Смолево, проект кој локалната самоуправа го реализира во соработка со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Вредноста на склучениот договор изнесува 11.596.320 денари и верувам дека согласно договорената динамика, оваа летна сезона, ќе имаме еден прекрасно уреден простор за одмор и рекреација.
Имплементатор на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој со кофинансирање од страна на Општина Битола, согласно Одлука на Советот на Општината.