Вечерва целосно затемнување на Месечината видливо од Македонија

Љубителите на астрономијата вечерва ќе имаат ретка прилика – целосно затемнување на Месечината ќе биде видливо и од нашата земја.



Во Скопје, Месечината ќе изгрее околу 19 часот, веќе делумно затемнета. Целосната фаза ќе започне во 19:30 и ќе трае до 20:52 часот, кога ќе може да се набљудува впечатливата „крвава месечина“. Последниот контакт со сенката на Земјата ќе биде во 21:56, а слабата полусенка ќе се забележува сè до 22:56 часот.

Иако за науката ваквите настани не претставуваат особена реткост, тие се значајни бидејќи можат да се следат со голо око, без телескоп и без дополнителна заштита.

Причината Месечината да не исчезне целосно е Земјината атмосфера, која ги филтрира сончевите зраци. Црвената светлина е единствената што успева да мине и да ја обои Месечината во карактеристичната бакарно-црвена нијанса.

Сите фази на затемнувањето ќе бидат видливи и од Индија, Кина, Казахстан, централна Русија и западна Австралија, но не и од Американскиот континент. Според проценките, околу 77% од светското население ќе може да го следи овој небесен спектакл.

Слични Објави