| |

Две деца нападнати од улични кучиња на плоштадот во Битола – институциите на вонреден состанок

Во период од само десет дена, две мали деца беа нападнати од улични кучиња на плоштадот Магнолија, во срцето на Битола. Инцидентите предизвикаа силна загриженост кај јавноста и ги мобилизираа надлежните институции, кои итно преземаат мерки за зголемување на безбедноста.

Првиот напад се случил на 13 април, кога осумгодишно дете било каснато по челото. Вториот инцидент, уште потресен, се случи на Велигден, 20 април, кога дете на возраст под две години беше сериозно повредено на устата, образот и брадата. Двете деца се хоспитализирани во Клиничката болница со тешки телесни повреди на лицето.

Поради сериозноста на ситуацијата, денес се одржа вонреден состанок со претставници од прифатилиштето „Хачико“, ветеринарни клиники и Агенцијата за храна и ветеринарство. Од Општина Битола соопштија дека е договорено интензивирано заловување на кучињата од критични локации, како Широк Сокак, Градскиот парк, Саат Кулата и Офицерскиот дом, особено поради очекуваниот раст на бројот на туристи.

Градоначалникот иницираше зголемена координација со СВР Битола, за засилени контроли на подрачја каде постои сомнеж за нелегално испуштање кучиња од околните населени места.

Сепак, надлежните се соочуваат со законски ограничувања. „Доколку кучето излегло од процесот на стерилизација и кастрација и не предизвикало штетен настан, прифатилиштето нема законска можност повторно да го залови,“ соопштуваат од Општината.

Од отворањето на прифатилиштето во октомври 2024 година до денес, над 200 кучиња се стерилизирани – нешто повеќе од 25% од вкупниот број улични кучиња во Битола. Новото прифатилиште, изградено со 4.1 милиони денари од општинскиот буџет, функционира според принципот „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати“.

И покрај овие напори, Општината се соочува со сè поголеми трошоци. Во последните три години, износот што го исплатила по тужби од каснати граѓани е зголемен за седум пати – од 1.1 милиони денари во 2021, на речиси 7.8 милиони денари во 2023.

Јавноста бара брзи и ефикасни решенија, а општинските власти уверуваат дека ќе продолжат со активности за системско решавање на проблемот со уличните кучиња и зачувување на безбедноста на граѓаните.

Слични Објави