Руското културно наследство преку фотографии и книги во библиотеката „Борка Талески“

Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во петок, 31 јули 2026 година, со почеток во 12:00 часот, ќе биде отворен културниот настан „Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“.

Настанот се реализира во соработка со Амбасадата на Руската Федерација и Македонско-руското друштво од Прилеп, а опфаќа две изложбени поставки посветени на руското културно наследство.

„Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“ е насловот на првата поставка со фотографии – сведоштва за богатото руско културно наследство.

Посебно место во изложбата со фотографии има државниот академски „Бољшој театар“ – еден од најмаркантните симболи на руската култура и светски реномиран центар на оперската и балетската уметност, чија историја е нераскинливо поврзана со развојот на националната и интернационалната театарска сцена. Оваа институција годинава чествува 250 години опстој и успешно функционирање.

Дел од поставката се и фотографиите со руските научници и просветители Михаил Ломоносов и Владимир Даљ, кои имаат огромен придонес во развојот на рускиот јазик, образованието и науката, надвор од националните рамки.

Посетителите, како што најавуваат од Македонско-руското друштво од Прилеп, ќе имаат можност да се запознаат со наследството на Александар Афанасјев, познат собирач на рускиот фолклор, благодарение на кого се зачувани единствени примери на руското народно творештво.

Втората изложба ги содржи делата од руските автори кои ги красат полиците на нашата установа. Дел од оваа поставка ќе бидат и делата кои минатата година амбасадата на Руската Федерација ги донираше на нашата установа.

Со овој настан, библиотеката „Борка Талески“ ја продолжува долгогодишната соработка со Амбасадата на Руската Федерација и ја збогатува културната понуда за своите посетители.

Слични Објави