Над 6.000 литри флаширана вода од Прилеп испратени како помош за Гостивар
Прилеп уште еднаш ја покажа својата солидарност преку хуманитарна акција во која беа собрани и испратени повеќе од 6.000 литри флаширана вода за граѓаните на Гостивар.
Во акцијата се вклучија голем број граѓани, Црвениот крст – Општинска организација Прилеп, компании, здруженија, институции и други хумани поединци, кои со заеднички ангажман придонесоа за обезбедување на неопходната помош.
Собраната вода е испратена како поддршка за жителите на Гостивар, со цел да им се помогне во справувањето со состојбата и да им се обезбедат основни услови во период кога помошта е најпотребна.
Хуманитарната акција уште еднаш ја потврди подготвеноста на прилепчани да се обединат и да покажат солидарност кога е потребно, испраќајќи порака дека заедништвото и хуманоста остануваат вистински вредности.
За успешно реализираната акција информираше градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, кој им се заблагодари на сите граѓани, организации и компании што придонесоа во оваа хуманитарна иницијатива.



