Тутунарите подготвени за откуп – се очекуваат до 22 милиони килограми квалитетен род и повисоки цени
Пред почетокот на новата откупна сезона, која треба да стартува за околу десетина дена, тутунарите се целосно подготвени да го предадат годинашниот род. Велат дека есенските дождови биле добредојдени, придонесувајќи и за квантитетот и за квалитетот на приносите. Очекуваат родот да достигне до 22 милиони килограми висококвалитетен тутун, а се надеваат и на повисоки откупни цени.
„Имаме капацитет да ги покриеме сите ваги кои годинава изнесуваат 337 – никогаш досега немало толку откупни ваги. Очекуваме откупот да се одвива побрзо и тутунот да биде со одличен квалитет. Со доцните дождови се продолжи вегетацијата и сигурно ќе има околу 20 милиони килограми тутун“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Во наредните денови, најдоцна до петок, во Институтот за тутун треба да се утврдат мострите, по што веќе на 18 ноември откупувачите ќе можат да го започнат откупот. Според Ристески, прогнозите на дел од откупувачите дека годинашниот род ќе тежи околу 26 милиони килограми се нереални.
„Можам да тврдам дека тутунот ќе биде подобро платен од лани. Дополнително, со новиот Закон е воведена забрана за увоз на ароматичен тутун за време на домашниот откуп. Сè е во интерес на домашното производство и заштита на производителите“, додаде Ристески.
Непосредните тутунопроизводители, охрабрени од есенските врнежи, велат дека родот е поквалитетен и посеопфатен од лани.
„Не очекувавме вакво зголемување, но со дождовите приносот ни порасна за 10 до 15 проценти. Очекував околу 3 тона, но сега веројатно ќе имам 3,5 тони тутун. Квалитетот е значително подобар и очекуваме и повисока цена“, изјави Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од село Житоше, Долненско.
Минатата година просечната откупна цена, заедно со субвенциите од 100 денари по килограм, достигна до 500 денари за килограм откупен тутун.



