Затворите остануваат нехумани, а злоупотребите со психијатриските вештачења го поткопуваат правосудството


Извештајот на Националниот превентивен механизам за 2025 година открива дека хроничните проблеми во затворите, полициските станици и психијатриските установи остануваат нерешени, а посебно загрижуваат сомневањата за злоупотреба на судско-психијатриските вештачења.

И покрај долгогодишните препораки, состојбите во местата каде што се лишуваат лица од слобода во Северна Македонија остануваат далеку од меѓународните стандарди. Тоа го покажува 15-тиот годишен извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител, кој нотира сериозни недостатоци во затворите, полициските станици и психијатриските установи.

Во текот на 2025 година, тимовите на НПМ спровеле 13 ненајавени посети, при што повторно биле констатирани проблеми кои со години се повторуваат – пренатрупаност, несоодветни услови за сместување, ограничен пристап до здравствена заштита, недостиг на кадар и недоволни материјални ресурси.

Затвори со услови под минималните стандарди

Во извештајот се наведува дека во Затворот Куманово бил утврден недостиг на вода за пиење, а дел од притворениците биле сместени на душеци поставени директно на подот. Дополнително, системите за повикување на персоналот не функционирале, што претставува ризик за безбедноста и здравјето на лицата лишени од слобода.

Во Казнено-поправниот дом Идризово продолжува проблемот со пренатрупаноста, додека административни пропусти доведуваат дел од осудениците да останат без соодветно здравствено осигурување. Во женското одделение, според наодите, нема редовно снабдување со топла вода.

Во КПД Струга биле регистрирани поплаки од осуденици за постапување на Единицата за интервенции, при што тие тврделе дека биле принудени два часа да стојат свртени кон ѕид со раширени раце и нозе.

Особено загрижувачка е состојбата во Затворот Охрид, каде што се сместени малолетни осуденици. Установата функционира во објект изграден во 1950-тите години, опкружен со станбени згради, поради што приватноста на децата е сериозно нарушена. За време на посетата била измерена температура под 18 Целзиусови степени и висока влажност, што, според Народниот правобранител, не ги исполнува минималните стандарди за хумано сместување.

Полициски станици со недостиг на услови

Извештајот покажува дека иако дел од претходните препораки се реализирани, голем број остануваат само на хартија.

Во повеќе полициски станици и натаму недостига униформиран персонал, условите за работа се несоодветни, а нема ниту специјално опремени простории за разговор со деца. Дополнително, според информациите презентирани од Народниот правобранител, дел од полициските станици немаат обезбедени средства ниту за основните потреби на лицата кои се задржани во притвор.

Најсериозните предупредувања за Демир Хисар

Посебно внимание во извештајот е посветено на Психијатриската болница „Демир Хисар“, каде што контролата открила сериозни системски проблеми.

Според наодите на НПМ, во Форензичкото одделение биле затекнати околу дваесет лица осудени за кривични дела, за кои постојат сериозни сомневања дека не страдаат од психичка болест, туку преку спорни судско-психијатриски вештачења избегнале издржување затворски казни.

Заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска изјави дека поради ваквите сознанија НПМ се обратил до Комората на вештаци со барање да се испита почитувањето на професионалните и етичките стандарди при изготвувањето на психијатриските вештачења.

Во извештајот се предупредува дека присуството на лица со изразен криминален профил во психијатриска установа создава атмосфера на страв и несигурност, ги загрозува вистинските пациенти и дополнително го оптоварува медицинскиот персонал.

„Наместо санкцијата да биде резултат на објективно утврдување на вината и одговорноста, таа станува производ на влијание врз експертската проценка“, се наведува во извештајот.

Персоналот, кој е обучен за лекување, а не за обезбедување на опасни осуденици, работи под постојан притисок, изложен на закани и висок професионален ризик. Болницата нема затворска полиција, ниту соодветно обезбедување, што резултира со чести бегства на ваквите лица. Во периодот пред посетата бил регистриран и случај на самоубиство.

Дополнителен проблем е и честата промена на раководството. Од 2024 година до посетата на НПМ, во болницата биле сменети четири директори, што, според Народниот правобранител, придонело за продлабочување на институционалните проблеми.

Од Народниот правобранител оценуваат дека и покрај одредени позитивни поместувања, најголемиот дел од забелешките остануваат исти со години. Недостигот од кадар, ограничениот пристап до здравствена заштита, несоодветните услови за престој и недоволните ресурси, според институцијата, бараат итни системски мерки.

Во однос на сомневањата за злоупотреба на судско-психијатриските вештачења, НПМ предупредува дека станува збор за прашање кое не се однесува само на здравствениот систем, туку директно ја засега довербата во правосудството и принципот на еднаквост пред законот. Доколку овие сомневања се потврдат во надлежните постапки, тие би укажувале на сериозно нарушување на функционирањето на кривичноправниот систем и на правата на вистинските психијатриски пациенти.

Слични Објави