|

„Македониум“ изнајмен за 500 евра за снимање спот за песната „Секси мама“, најавени разрешување на директорот

Споменикот „Македониум“ во Крушево бил отстапен за снимање делови од музички спот на косовскиот рапер Дон Џони, за што бил наплатен надомест од 500 евра.

Станува збор за спотот за песната „Секси мама“, чии делови биле снимени во споменичкиот комплекс во Крушево. Информацијата предизвика реакции во јавноста, особено поради прашањето дали и под кои услови национален споменик може да се користи за комерцијални снимања.

Директорот на Националната установа Историски музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, потврди дека просторот бил отстапен за снимање на спотот. Според него, тоа било направено врз основа на претходна одлука на Управниот одбор на установата и со утврден надомест.

Оџаклиески посочил дека не станува збор за првпат „Македониум“ да биде отстапен за снимање и дека продукцијата претходно доставила барање до музејот. Според неговото образложение, просторот бил користен во ограничен временски период, а надоместот изнесувал 500 евра.

Сепак, случајот отвори прашање и за тоа дали за снимањето биле потребни дополнителни одобренија од надлежните институции за заштита на културното наследство.

Од Управата за заштита на културното наследство било посочено дека до институцијата не било доставено барање за дозвола за снимање во „Македониум“. Тоа дополнително го отвори прашањето за постапката според која просторот бил отстапен за комерцијално снимање.

За случајот се огласи и министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, кој оцени дека станува збор за чувствителен случај и дека треба да се разгледаат правните аспекти пред да се преземат понатамошни чекори.

По реакциите во јавноста, со свој став излезе и премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека ваква ситуација не требало да се случи и најави дека од министерот Сулејмани ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј „Крушево“, како и на членовите на Управниот одбор.

„Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со членовите на Управниот одбор бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните поради тоа што е направен тој пропуст. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека барањето за разрешување ќе го упати уште денеска.

Случајот со „Македониум“ во меѓувреме отвори поширока дебата за тоа дали и на кој начин објекти и споменици од особено културно и историско значење можат да се отстапуваат за комерцијални снимања, како и кои институции имаат надлежност да дадат одобрение за нивно користење.

Дополнително, останува да се утврди дали при конкретното снимање биле исполнети сите законски и институционални услови за користење на споменичкиот комплекс.

Слични Објави