Топташ Родео 2026“ на прагот – интензивни подготовки

Прилеп интензивно се подготвува за одржувањето на адреналинскиот мотоспорт настан „Топташ Родео 2026“, кој ќе се одржи на 9 и 10 мај. Во пресрет на трката, на терен веќе се реализираат активности за уредување и подготовка на патеките, со цел да се обезбедат оптимални услови за учесниците и посетителите.

Локалната самоуправа, во соработка со Хард Ендуро Клуб Прилеп, активно е вклучена во организацијата, при што посебен акцент е ставен на средување на терените и финализирање на првиот хард ендуро и тренинг полигон од ваков тип во државата. Овој полигон претставува значајна инвестиција која ќе остане како трајна вредност и ќе овозможи развој на мотоспортот во регионот.

Паралелно со подготовките на патеките, се реализира и реконструкција на патот кон месноста Топташ, што значително ќе го подобри пристапот до локацијата и ќе придонесе за подобра организација на настанот.

Организаторите изразуваат благодарност до сите поединци, клубови и компании кои активно придонесуваат во реализацијата, нагласувајќи дека ваквите заеднички напори се клучни за успешна организација на настан од ваков ранг.

Се очекува „Топташ Родео 2026“ да привлече голем број љубители на мотоспортот, а Прилеп уште еднаш да се позиционира како дестинација за спорт, рекреација и адреналински настани.

Слични Објави