ДЗС го затвори театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп поради опасност од пожар
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е затворен од страна на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) поради сериозни неправилности кои претставуваат непосредна опасност од пожар и експлозија.
Според официјалното соопштение од ДЗС, на 24 март бил спроведен вонреден инспекциски надзор, при што биле утврдени 15 неправилности што се во спротивност со Законот за заштита и спасување, Законот за пожарникарство и други подзаконски акти.
„Утврдените неправилности претставуваат сериозна опасност за присутните во театарот, отежнуваат евакуација во случај на инцидент и ја оневозможуваат ефикасната интервенција на спасувачките тимови“, соопштија од ДЗС.
Затворањето на театарот доаѓа како дел од засилените контроли по трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица. Според ДЗС, објектот ќе остане затворен сè додека не се отстранат констатираните недостатоци.
Оваа одлука ќе има значително влијание врз културниот живот во Прилеп, бидејќи театарот е едно од главните уметнички средишта во градот. Локалните власти и раководството на театарот засега не дале официјална изјава за следните чекори.
Од ДЗС ја потврдија веста во разговор со OTV.MK