Донација од Мермерниот комбинат – нов коронарен стрес тест апарат за болницата во Прилеп
Прилепската општа болница доби донација од Мермерниот комбинат – современ коронарен стрес тест апарат во вредност од 20 000 евра, со што по повеќе од десет години оваа важна дијагностичка метода повторно ќе биде достапна за граѓаните.
Донацијата е од осовена вашност за здравјето на населението и значајна поддршка за болницата во Прилеп. Со новиот апарат, ќе се овозможи дијагностицирање на срцеви заболувања преку неинвазивен стрес тест, што досега беше невозможна процедура поради дотраената опрема и отсуство на алтернатива.
Поради недостиг на ваков апарат, во изминатава деценија пациентите од Прилеп беа принудени да патуваат во други градови за да направат стрес тест. Сега, со неговото ставање во функција, се отвора можност не само за локалните жители, туку и за пациенти од целиот Пелагониски регион да добијат навремена кардиолошка услуга.
Апаратот е поставен во амбуланта од Интерното одделение, дел од медицинскиот персонал веќе е обучен за ракување со новата опрема, а за останатите се планира дополнителна едукација. Услугата ќе биде достапна преку системот „Мој термин“, што значително ќе го олесни процесот на закажување и следење на пациенти.
Од Мермерниот комбинат истакнаа дека оваа донација е дел од нивната долгорочна заложба за општествена одговорност и вложување во заедницата. Ова не е првпат компанијата да поддржи здравствени институции – во претходниот период донираше и лабораториска опрема за Центарот за јавно здравје.



